
Успешно реализиран Пролетниот крос во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“
мај 2, 2025
ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ и подрачните училишта се приклучија кон националната акција „Генералка Викенд 2025“
мај 9, 2025Известување за упис на ученици во прво одделение за учебната 2025/2026 година во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ – Берово

Почитувани родители и старатели,
Врз основа на член 61 и член 63 од Законот за основно образование (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 161/19, 229/20, 3/25, 74/25), Основното општинско училиште „Дедо Иљо Малешевски“ – Берово го објавува ова известување за вршење на упис на ученици во прво одделение за учебната 2025/2026 година.
ПЕРИОД НА ЗАПИШУВАЊЕ: Уписот на првачињата ќе се врши во текот на месец МАЈ 2025 година.
УСЛОВИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ:
- Во прво одделение се запишуваат деца кои до крајот на календарската 2025 година ќе наполнат шест години (односно, деца родени во 2019 година).
- По исклучок, детето може да се запише во прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари 2026 година (т.е. деца родени во јануари 2020 година). Ова се врши по претходно барање од родителот/старателот и добиено позитивно мислење од педагогот или психологот во училиштето.
- Запишувањето на детето, на барање на родителот/старателот, може да се одложи за една година доколку надлежна здравствена установа утврди дека детето не е подготвено за поаѓање на училиште.
УПИС СПОРЕД РЕОНИЗАЦИЈА:
- Децата се запишуваат во основното училиште во реонот во кој живеат или каде што постојано престојуваат.
- Нашето училиште е должно да ги запише сите ученици од својот реон. Исклучоци се можни во следниве случаи:
- Доколку во училиштето на реонот нема услови за следење настава на мајчин јазик.
- Доколку постои документација која го потврдува здравственото или психосоцијалното здравје на ученикот како основа за префрлање.
- Кога училиштето има слободен капацитет и префрлањето е во најдобар интерес на детето, потврдено од центарот за ментално здравје.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА УПИС:
За запишување на вашето дете, потребно е да ги доставите следниве документи:
- Извод од Матичната книга на родените (оригинал или копија заверена на нотар);
- Потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа;
- Потврда од извршен систематски преглед од стоматолог, издадена од надлежна здравствена установа;
- Потврда од извршен офталмолошки преглед од доктор специјалист, издадена од надлежна здравствена установа.
ДОПОЛНИТЕЛНИ ДОКУМЕНТИ И ИНФОРМАЦИИ ЗА УПИС НА ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ОБРАЗОВНИ ПОТРЕБИ:
- При запишување на дете со попреченост во прво одделение, родителот/старателот е должен да достави и проценка за попреченост од системот за проценка на лица со попреченост, заради обезбедување дополнителна образовна поддршка.
- При запишување на дете со комплексни потреби, родителот/старателот може да го запише детето во основно училиште или во основно училиште со ресурсен центар, согласно проценката за попреченост. Родителот/старателот може да го префрли ученикот од основно училиште каде следи настава по модифицирана програма во основно училиште со ресурсен центар, по проценка за попреченост.
- При запишување на дете со оштетен вид и/или слух, родителот/старателот може да го запише детето во основно училиште или во училиште со ресурсен центар, согласно проценката за попреченост.
НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИТЕ: Пријавата со потребните документи треба да се достават во просториите на ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ – Берово. Ве молиме, следете ги известувањата од училиштето или очекувајте покана за упис во која ќе биде наведен точниот ден и термин за предавање на документите.
За сите дополнителни информации, можете да се обратите до стручната служба на училиштето.
Со почит, ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ – Берово Директор, М-р Наташа Аврамска




