
Голем успех за македонистите од ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ на Државниот натпревар!
јуни 6, 2025
Есенски крос 2025: Спортски дух, дружење и рекреација на отворено!
септември 5, 2025Повторно ѕвони училишното ѕвонче! Среќен почеток на новата учебна година 2025/2026!

По долгата и топла летна пауза, училишниот двор на ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ – Берово денес, 1 септември, повторно беше исполнет со детски џагор, насмевки и возбуда. Со свечен прием на учениците, официјално го означивме почетокот на новата учебна година 2025/2026.
Присутните ученици, родители и наставници најпрво ги поздрави директорката на училиштето, м-р Наташа Аврамска. Во своето кратко обраќање, таа им посака топло добредојде на сите ученици, а посебно на најмалите, и упати желби за успешна, продуктивна и со многу знаење исполнета година.
Посебно возбудлив и свечен беше овој ден за нашите првачиња. Со измешани чувства на радост и љубопитност, тие за првпат зачекорија во училишниот свет. По прозивката, беа распределени во своите паралелки и ги запознаа своите наставнички кои ќе ги водат низ магичниот свет на буквите и бројките. Од срце им посакуваме среќен почеток, лесно привикнување на училишните обврски и многу убави моменти во училишните клупи!
Својот нов почеток го имаа и учениците од шесто одделение. Тие исто така беа распределени во нови паралелки и ги запознаа своите класни раководители, со што започнуваат еден нов, предметен циклус од своето образование.
На сите ученици, од прво до деветто одделение, им посакуваме среќна и успешна учебна година, исполнета со знаење, пријателство и многу петки! Среќно и на сите наставници и родители во новите предизвици!